Моноспитовско Блато е големо мочуриште, кое се наоѓа десетина километри североисточно од Струмица, во долината на Стара Река која заедно со Струма и реката Турија се разлива низ Струмичката Котлина. Се претпоставува дека блатото е остаток од некогашното големо езеро кое настанало пред дваесет милиони години во време кога се формирало Егејското копно, а подоцна истекло кон Егејското Море. Блатото се наоѓа на надморска височина од 240 метри, кое со својата богата флора и фауна е единствената блатна површина во Македонија.
Повеќе
Во минатото, блатото имало површина од околу 5 илјади хектари, а сега познатиот ѓол едвај се простира на 400 хектари. Опколен со повеќе видови дрвја, папрати, барска трска и безброј птици, овој споменик на природата потсетува на мала џунгла во која сè уште се кријат уникатни растенија и животни кои ги нема на други простори, не само во Македонија, туку и на Балканот. Моноспитовското Блато во минатото се карактеризирало со голема биолошка разновидност, но сепак за овој простор постојат мал број податоци, со исклучок на истражувањата на некои алги, виши растенија и растителни заедници. Заради тоа, не е лесно да се изврши споредба на некогашната состојба со биолошката разновидност во однос на денешната, но јасно е видлива деградацијата која продолжува и денес. Описот на биолошката разновидност прикажана во оваа публикација се базира на моменталните нецелосни сознанија. Тие се однесуваат на разновидноста на стаништата, растителните заедници, флората, дијатомејските алги, некои без’рбетници, рибите, водоземците, влекачите, птиците и цицачите. Со рачно изработени предмети од трска, дрво и платно, месното население од селото Моноспитово на големо се подготвува за привлекување на туристите за Моноспитовското блато кое почна да се ревитализира. Тие преку обука ги обновиле изумрените занаети кои своевремено биле единствена егзистенција покрај познатото мочуриште. Чајки од дрво (чамци за пловење во Моноспитовското блато), леси од шамак и трска, разни декоративни предмети од глина, трска и платно, се нудат на гостите, кога доаѓаат да уживаат во богатата флора и фауна на Моноспитовското блато.
Врските помеѓу луѓето и водните станишта се многубројни, најразновидни, и често многу блиски. Тие биле неопходни за постоење на човековите населби во прaисторијата, а до денешен ден скоро сите поголеми градови се наоѓаат до големи водни станишта од најразличен тип. Сепак, до не толку одамна, луѓето поврзувале некои типови на водни станишта, пред сè блата и мочуришта, со подрачја во кои царуваат страшни животни и различни опасни болести. Затоа, тие биле интензивно одводнувани и преобразувани во површини со сосема друга намена, како обработливо земјиште, индустриски зони, рибници итн.
Затвори